ЗЕЛС активно се подготвува за целосно преземање на водечката улога во спроведувањето на форуми во заедниците во локалните заедници

Анимал медика zels-aktivno-se-podgotvuva-za-celosno-prezemanje-na-vodechkata-uloga-vo-sproveduvanjeto-na-forumi-vo-zaednicite-vo-lokalnite-zaednici-

Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија- ЗЕЛС, постепено  ќе ја  презема водечката улога во поддршката за локалните власти во земјава, за активна примена на алатката за граѓанско учество- ,,форуми во заедниците“. Веќе  осум години, голем број на општини,  преку реализацијата на форумските сесии им овозможуваат на своите граѓани активно да се вклучат во решавањето на приоритетните проблеми на локално ниво, во донесување на одлуки кои ќе им овозможат да ги подобрат условите за живот на своето подрачје. Од реализацијата на „ форумите во заедниците“ голема полезност има  и  самата  локална  власт, која на овој начин развива транспарентна и отчетна локална самоуправа, односно обезбедува општинската администрација да развие партиципативно и одговорно локално владеење  во   кое граѓаните ќе имаат доверба. Советите во вкупно 52 општини од земјата, ја институционализираа примената на оваа алатка, вклучувајќи ја како нова форма на  граѓанско учество во  општинските  статути и истата активно ја користат.

Со продолжувањето на новата и последна фаза од Програмата „Форуми во заедницата“ до 2017 година, која повторно е подржана од страна на СДЦ, а  ја спроведува  Единицата за координација на форумите (ЕКФ), ЗЕЛС активно ќе биде вклучен во  сите активности, како и во процесите на организирање и спроведување на форумските сесии во општините. Целта е комплетно  акумулирање на сите потребни знаења и искуства што ги  содржи оваа Програма, за натамошно успешно самостојно координирање  на поддршката што ЗЕЛС  во иднина ќе им ја дава на општините во спроведувањето на оваа  форма на  граѓанско учество на локално ниво.

ЗЕЛС, во тој правец, веќе започнува самостојно да  презема активностите кои се однесуваат на сертификација на форумските модератори, па во текот на 2015 година ќе организира уште еден повик за сертификација на нови модератори. Ќе бидат реализирани  стандардните обврски кои произлегуваат со сертификацијата на модератори, како што се објавување на повик, избор на кандидати за полагање на испит, обука, организирање и спроведување на испитот ( писмен и устен)  сертификација и промовирање на модераторите. Досега, во рамките на Проектот „Сертификација на форумски модератори“ поддржан од  СДЦ,  вкупно 27 кандидати се стекнаа со ваков сертификат.  ЗЕЛС освен што ќе презема активности за обучување на нови модератори и нивно сертифицирање, исто така, преку специјализирани обуки, што ќе ги реализира ЗЕЛС тренинг центарот, ќе ги унапредува знаењата и вештините на досегашните модератори. Дел од активностите на ЗЕЛС ќе бидат поврзани и со промоцијата  на  улогата на форумските модератори , како неутрална страна меѓу локалната власт и населението, бидејќи имаат голема улога во   квалитетното  спроведување на  дијалогот меѓу  учесниците на форумските сесии, но пред се ќе бидат поврзани со промоција на улогата и значењето на „форумите во заедницата“. ЗЕЛС веќе има воспоставената  интернет страницата www.forumski-moderatori.mk , која ќе биде   надградувана со нови алатки кои ќе им бидат од полза на општините . Освен  можноста на избор на модератот ( според поставена биографија и посочените искуства во модерирањето на секој сертифициран модератот ),  општините,преку оваа страница ќе можат да се запознаваат со добрите практики и искуствата  што другите општини ги имале при спроведувањето на форумските сесии , односно како тие влијаат во зголемувањето на граѓанското учество и подобрувањето на  квалитетот на живеењето во заедницата.

 

Со континуирани активности до самостојно координирање на форумите

 

ЗЕЛС започна активна соработка со  Единицата за координација на форумите (ЕКФ) и во текот на месец октомври беа интензивирани средбите за утврдување на динамиката и начинот на взаемните активности. На 30 и 31 октомври, 2014 година, во хотелот „ Континентал “ во Скопје, претставници од ЗЕЛС  учествуваа на обуката што ја организираше ЕКФ  за оперативните групи, како и за модераторите и ко-модераторите, кои ќе бидат вклучени во организацијата на „буџетскиот форум“ во 10-те новоизбраните општините. На обуката за буџетирање во ЕЛС и спроведување на буџетски форум, присутните беа запознаени со  целите, структурата, процесот , резултатите, проектната фаза, временската рамка, родовите и етничките аспекти при реализацијата на форумските сесии,  како и со  структурата на буџетот, буџетските програми , а беа реализирани и практични вежби за модерирање за приходите и расходите на  општината.   Пред присутните  ЗЕЛС ги презентираше активности што досега ги има преземено на  полето на зајакнување на  примената на оваа граѓанска алатка и ја потенцираше функцијата на порталот  www.orumski-moderatori.mk. Им укажа на модераторите на обврската за доставување на неопходните податоци за нивниот профил, кој задолжително треба да се постави на  овој веб портал, во Регистарот на сертфицирани модератори,  со цел општините да имаат  поголеми информации при изборот .